Унгарскиот премиер Виктор Орбан остро се спротивстави на идејата Украина да се приклучи кон Европската унија, нарекувајќи го тој потег „економско самоубиство“ за Европа. Според него, Унгарија нема да даде поддршка ниту за забрзано пристапување, ниту за почеток на преговори со Украина.
Остро против европската политика за Украина
Во своето обраќање, Орбан ги критикуваше европските лидери, особено Европската народна партија, за поддршката на продолжување на војната, санкциите кон Русија и елиминацијата на руската енергија. Според него, оваа политика се спроведува „без да се размислува за економските последици по граѓаните“.
„Наместо војна, ние се залагаме за мир. Само така може да се укинат санкциите, да се стабилизира енергетскиот пазар и да се намалат трошоците за граѓаните“, рече Орбан.
Стравувања од зголемени трошоци за енергија
Премиерот на Унгарија предупреди дека евентуалната забрана за увоз на руска енергија би предизвикала драматично зголемување на цените за унгарските домаќинства.
„Доколку Брисел успее во оваа намера, унгарските семејства ќе плаќаат двојно повеќе за гас и струја“, изјави тој.
Орбан истакна дека неговата влада вложила огромни напори цените да останат меѓу најниските во Европа. Во споредба, греењето на просечно домаќинство во Унгарија чини 700–800 евра, додека во Словачка се движи околу 1.350 евра, а во Полска дури до 2.400 евра.
Повик до Унгарците за поддршка на владините политики
Орбан нагласи дека Унгарија мора да продолжи да добива евтина енергија од Русија за да избегне дополнителни трошоци до 2,4 милијарди евра годишно за енергија од алтернативни извори.
Тој ги повика граѓаните да ја поддржат владата во заштитата на ниските цени на енергенсите и да излезат на претстојните избори.