Селотејп протест на Плоштад Македонија: Кочанчанец праша – заборавивте ли на трагедијата?

Плоштадот Македонија денес беше сведок на невообичаена и силно симболична сцена: млад кочанчанец, стоејќи на неколку гајби, се врза со селотејп за бандера, како дел од герила-акција организирана од иницијативата „Супорт Кочани“. Овој тивок, но моќен протест имаше за цел да ја разбуди јавноста и институциите за трагедијата што го потресе Кочани на 16 март.

Протест во чест на загинатите при пожарот во „Пулс“

Момчето кое беше центар на акцијата јавно се обрати пред присутните:

„Па толку брзо ли не’ заборавивте?“, праша со болка во гласот.

Тој откри дека лично изгубил пет пријатели во трагичниот пожар и додаде:

„Јас тука сум физички врзан за да видам како народот ќе ме гледа, но во Кочани луѓето се духовно врзани.“

Глас од град што вриштел во тишина

Кочани, според активистите, е град кој по пожарот во дискотеката „Пулс“ живее во тишина, заробен во болка и тага. Над еден месец и половина по трагедијата, жителите се чувствуваат заборавени, вели Јане Кировски, дел од иницијативата. Тој упати порака до институциите:

„Очекувавме дека тие што ги водат главните процеси во државата ќе сторат нешто за Кочани. Градот живее во црнило веќе 30 години. Нека слушнат тие луѓе.“

Нов марш за ангелите

За утре (10 мај), најавен е уште еден „Марш за ангелите“ во Кочани. Маршот ќе започне во 16:05 часот кај Паркот на Револуцијата и ќе продолжи кон трговскиот центар, општинската зграда, полициската станица, а ќе заврши пред Обвинителството во Кочани.

Организаторите повикуваат на достоинствено учество и почитување на болката на семејствата на загинатите, со надеж дека институциите конечно ќе преземат одговорност.

Verified by MonsterInsights