Во тешка сообраќајна несреќа што се случи вчера попладне на крстосницата меѓу булеварите „Никола Карев“ и „8 Септември“ во Скопје, животите ги загубија две лица – возачот и неговата сопатничка, двајцата од Скопје.
Мотоцикл удрил во бетонски столб
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, мотоцикл со скопски регистарски ознаки, управуван од С.И. (47) од Скопје, излетал од коловозот и директно удрил во бетонски столб. Со него како сопатничка се возела А.Н. (32), исто така од Скопје.
Несреќата завршила фатално – двајцата починале на самото место. Смртта била констатирана од страна на лекар на Итната медицинска помош веднаш по пристигнувањето на местото на настанот.
Извршен увид, телата предадени на обдукција
Увид на лице место извршила увидна екипа од СВР Скопје заедно со јавен обвинител. По наредба на обвинителот, телата на починатите се предадени во Судска медицина за понатамошна обдукција, со цел да се утврдат сите околности поврзани со несреќата.