Постекоглу пред отказ – Тотенхем веќе преговара со замени

Тотенхем е на чекор од прекин на соработката со менаџерот Анге Постекоглу, иако се уште нема официјална потврда. Според повеќе извори блиски до клубот, одлуката ќе биде објавена во наредните денови, откако ќе се одржи клучниот состанок со претседателот Даниел Леви следната недела.

Во моментов и Леви и Постекоглу се на летен одмор, што го одложи директниот дијалог околу иднината на австралискиот стратег. Но зад сцената, клубот веќе ги прави првите чекори кон можен наследник – тренерот на Брентфорд, Томас Франк.

Франк веќе бил во контакт со управата на Тотенхем и разговарал за визијата на клубот, планираните засилувања, како и своите очекувања за идната сезона. Тој важи за тренер со модерен пристап и стабилност, што му недостасува на Тотенхем по неколкуте тренерски смени последниве години.

Иако тимот ја освои Лига Европа и обезбеди настап во Лигата на шампионите, нестабилните резултати во Премиер-лигата и отсуството на јасна формација, сериозно ја загрозуваат позицијата на Постекоглу.

Од доаѓањето во јуни 2023, Постекоглу водеше 101 натпревар – со биланс од 47 победи, 14 ремија и 40 порази. Во фокусот на критиките се падот во форма во вториот дел од сезоната и неубедливиот настап против директните конкуренти.

Verified by MonsterInsights