Актуелниот министер без ресор, Шабан Салиу, задолжен за интеграција и имплементација на Декадата на Ромите, е приведен како дел од проширувањето на истрагата за трагедијата во Кочани, потврдуваат извори блиски до истражните органи.
Вклученост поради претходна функција
Салиу, кој од 2008 до 2017 година бил директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), сега е предмет на проверка за евентуални пропусти во спроведувањето на законските обврски за заштита од пожари. Истрагата се однесува на објектот во кој се наоѓало кабарето „Пулс“, кое на 16 март годинава беше зафатено од пожар во кој загинаа 61 лице.
Иако објектот бил отворен во времето кога Салиу раководел со ДЗС, досегашната истрага треба да утврди дали неговата институција адекватно ги спровела контролите и дали биле преземени соодветни мерки во делот на пожарната безбедност.
Приведен и актуелниот директор на ДЗС
Покрај Салиу, на распит е приведен и актуелниот директор на ДЗС, Џевад Селами, исто така во рамки на истата истрага.
Двајцата ќе бидат префрлени во Обвинителството во Кочани, по чиј налог е извршено приведувањето, каде ќе бидат ислушани во присуство на јавен обвинител.
Случајот за пожарот во „Пулс“ останува еден од најголемите трагични инциденти во поновата историја на Македонија, а јавноста со внимание ги следи деталите и проширувањето на одговорноста за настанот.