Затворски полицајци осомничени за помагање при внес на дрога во КПД Штип

Кривични пријави се поднесени против неколку затворски полицајци од КПД Штип, осомничени дека му помогнале на затвореник да пронајде топка со дрога фрлена преку ѕидот на затворот. Управата за извршување санкции изврши вонреден инспекциски надзор и поднесе целосна документација до Обвинителството, потврди директорот Александар Пандов.

Видео запис ги покажува полицајците со батериски лампи

Инцидентот се случил на 20 февруари во 21:40 часот, кога возило пристигнало до втората капија на затворот, а стражарот не го регистрирал. Од возилото излегло лице кое префрлило топка преку ѕидот. Истовремено, затвореници со иницијали Ж.Ж и Р.К разговарале на телефон и барале нешто во тревникот. Најфрапантно, според Пандов, е што потоа дошле повеќе полицајци, кои наместо да го спречат инцидентот, со батериски лампи почнале да му помагаат на затвореникот да бара во тревата.

Официјално објаснување: „Кучката Цеца го украла часовникот“

Следниот ден, по налог на директорот, бил повторно претресен тревникот и пронајдена кеса со 35 грама бела прашкаста материја (веројатно кокаин) и 50 грама марихуана. Кога биле прашани зошто не реагирале, затворските полицајци дале бизарно објаснување – затвореникот наводно изгубил скап часовник што му го украла затворската кучка Цеца.

Дисциплинска комисија: „Невини“

И покрај видеото, дисциплинската комисија во КПД Штип на 28 март донела одлука дека полицајците не се виновни. Само двајца од пет члена на комисијата гласале за казна. Пандов потенцираше дека затворските полицајци со средно образование земаат плати од 57.000 до 67.000 денари месечно, платени од државата.

„Корупцијата во затворите е длабока“

Пандов порача дека корупцијата во затворите е на многу високо ниво, но Управата и сегашните директори ќе продолжат со борбата. „Имаме работа со вмрежени затвореници и вработени, но нема отстапување“, изјави тој.

Verified by MonsterInsights