Возел пијан и без возачка: хаос на автопат кај Неготино

Во петокот вечерта, на автопатот А1, 26-годишен маж од Неготино бил уапсен поради сериозни сообраќајни прекршоци и кражба на возило. Како што информира МВР, лицето М.Д. најпрво украл патничко возило „Ауди“ со битолски регистарски ознаки, паркирано во двор во Неготино.

Со украденото возило се упатил на автопатот кон Велес, каде што со сила ја пробил рампата на наплатната станица „Виничани“. Кратко потоа, повторно ја скршил рампата на истата станица, но овојпат во правец кон Неготино.

Полицијата интервенирала веднаш и по преземени мерки, успеала да го запре возилото и да го лиши од слобода. Извршената контрола покажала дека М.Д. немал возачка дозвола и дека управувал возилото под дејство на алкохол, со измерени 1.54 промили алкохол во крвта.

Осомничениот бил задржан во полициска станица, а против него ќе бидат поднесени кривични пријави за „безобѕирно управување со моторно возило“ и „одземање на моторно возило“.

Verified by MonsterInsights