По вчерашните долги и, како што самиот ги нарече, продуктивни телефонски разговори со Владимир Путин и Володимир Зеленски, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сите страни сакаат мир. Сепак, тој не откри колку ќе чини тој мир за Украина или за Русија.
„Мислам дека сме на пат да донесеме мир. Претседателот Путин сака мир, претседателот Зеленски сака мир, и јас сакам мир. Само сакам да видам крај на убивањето луѓе“, изјави Трамп во Овалната соба.
Украина нема место во НАТО?
Она што Трамп го откри во својот говор е дека стои зад ставот на Путин дека местото на Украина не е во НАТО. Тој најави дека планира директна средба со рускиот претседател, но не и со украинскиот лидер.
„Очекуваме дека тој (Путин) ќе дојде овде, а јас ќе одам таму, но најверојатно ќе се сретнеме во Саудиска Арабија за прв пат“, рече Трамп.
На прашањето дали планира да ја посети Украина, Трамп јасно одговори:
„Не, не се обврзав да одам во Украина.“
Реакции од Кремљ и Киев
Москва веќе ги подготвува своите преговарачки тимови, но Путин засега не се огласува јавно за разговорите. Од друга страна, Зеленски се надева дека посредништвото на Трамп ќе обезбеди траен мир.
„Претседателот Трамп ме информираше за тоа што му кажал Путин. Веруваме дека моќта на САД, заедно со Украина и сите наши партнери, е доволна за да ја принуди Русија на мир“, изјави Зеленски.
Колкава ќе биде цената за Украина?
Иако Киев се надева на фер договор, прашањето останува: што ќе мора да жртвува Украина? Во моментов, 20% од украинската територија е под руска контрола, а изјавите од американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, сугерираат дека враќањето на териториите можеби е невозможна мисија.
„И ние, како и вие, сакаме суверена и просперитетна држава, но мораме да признаеме дека враќањето на границите од 2014 година е нереална цел“, даде изјава Хегсет.
Загриженост во Европа
Американската администрација уверува дека не се работи за предавство на Украина, но пораките од Вашингтон веќе ги загрижија европските сојузници.
„Администрацијата на Трамп веќе направи јавни отстапки во корист на Путин пред преговорите воопшто да почнат. Според мене, на преговарачката маса би било подобро да се зборува за можното членство на Украина во НАТО или за евентуалното губење територии“, изјави Борис Писториус, министер за одбрана на Германија.
Дали договорот е веќе подготвен?
Вчерашниот разговор на Трамп со Путин и Зеленски се совпадна со објавувањето на наводниот план на Трамп од страна на украинскиот портал „Страна“. Според овој план, до март треба да се организираат средби меѓу Трамп, Путин и Зеленски, на Велигден да се прогласи примирје, а на 9 мај да заврши војната.
Според непотврдени извори, договорот би значел:
- Украина да остане надвор од НАТО
- Украина да добие членство во ЕУ
- Украина да се откаже од враќање на окупираните територии, но без да го признае рускиот суверенитет
Дали овој договор е навистина подготвен или е само шпекулација, останува да се види во наредните недели.