Најмалку 18 лица загинаа, меѓу кои и шест деца, во руски ракетен напад врз Кривиј Рих, родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според украинските власти, ракетите погодиле станбена населба, предизвикувајќи огромна човечка и материјална штета. Над 60 лица се повредени, а бројот на жртви би можел да расте.

Регионалниот гувернер Серхиј Лисак објави на Телеграм дека ова е еден од најсмртоносните напади врз градот во последните месеци. Украинската влада го нарече нападот уште еден доказ дека Москва не сака мир, туку продолжување на војната со целосна деструкција.
Русија тврди: Нападнавме војска, не цивили
Од другата страна, руското Министерство за одбрана тврди дека нападот бил насочен кон група украински војници и странски инструктори. Според нивните податоци, во акцијата биле убиени до 85 војници и уништени 20 возила. Кремљ објави дека ракетата била прецизна и ги погодила воените цели.
Иако Кривиј Рих е регуларно гранатиран од почетокот на војната, последните напади се особено жестоки. Во претходниот напад, само неколку дена претходно, загинаа четири лица. Градот, кој пред војната броел над 600.000 жители, е под постојана закана, иако се наоѓа околу 60 километри од линијата на фронтот.

САД испраќаат предупредување до Русија
Во исто време, Соединетите Американски Држави сигнализираат нетрпеливост кон одолговлекувањата на Москва. Американскиот државен секретар Марко Рубио, по состанокот на НАТО во Брисел, изјави дека „нема да има бесконечни преговори само за да се преговара“.
„Ќе знаеме многу брзо дали Русија сака мир или не – прашање на недели, не месеци“, изјави Рубио. Тој додаде дека САД ќе ја преиспитаат својата стратегија, доколку Москва продолжи да избегнува конкретни чекори за прекин на огнот.