Трамп го омаловажува Зеленски во најновата изјава
Американскиот претседател Доналд Трамп го продолжи својот вербален судир со украинскиот претседател Володимир Зеленски, оспорувајќи ја неговата улога во потенцијалните мировни преговори со Русија. Во интервју за „Фокс Њуз“, Трамп изјави дека Зеленски „не е доволно важен“ за да учествува во дипломатските преговори.
„Тој нема адути во рацете“
Според Трамп, Зеленски нема никаква преговарачка моќ, што го прави неконкурентен во разговорите за крај на војната.
„Мислам дека тој не е доволно клучен за да присуствува на средбите. Тој многу тешко склучува договори. Го гледав како преговара без адути во рацете. Тој нема никакви адути и ми се смачува од тоа“, изјави Трамп.
Оваа изјава доаѓа само неколку дена откако Трамп го обвини Киев дека ја предизвикал војната со Москва, нарекувајќи го Зеленски „диктатор“ кој не сака да распише избори.
Притисок врз Украина за договорот за минерали
Освен критиките кон Зеленски, Трамп продолжува да ја турка темата за договорот за ретки минерали. Вашингтон врши притисок врз Киев да го потпише договорот, но Зеленски смета дека условите не се фер бидејќи не нудат никакви безбедносни гаранции за Украина. Сепак, Белата куќа останува оптимистична дека договорот ќе биде финализиран наскоро.
Критики кон европските лидери
Во своето интервју, Трамп ги обвини францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Киер Стармер дека не направиле ништо за да се заврши војната во Украина.
„Макрон мене ми е другар, а Стармер е добро момче, но не направија ништо за војната да заврши“, изјави Трамп, додавајќи дека имал „многу добри разговори со Путин“.
Овие коментари повторно отвораат прашања за стратегијата на Трамп во однос на руско-украинскиот конфликт и неговата желба за брзо решавање на ситуацијата преку дипломатски канали.