Американскиот претседател Доналд Трамп вчера повторно го привлече вниманието со контроверзни изјави – овој пат на сметка на Европската унија. На средба со избрани новинари во Овалната соба, за време на разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Трамп ја обвини ЕУ дека е создадена за да му наштети на САД и потврди дека нема да има пауза на новите царински давачки.
„Не го разгледуваме тоа“, кратко и јасно изјави Трамп, одговарајќи на прашањето дали САД би размислиле за пауза на царинските мерки.
Остри зборови за ЕУ
„Европската унија е формирана за да ја уништи Америка. Земјите се здружија за да создадат нешто како монопол – обединета сила против САД во однос на трговијата“, рече Трамп.
Тој го обвини Брисел за координирана трговска стратегија со која, според него, се искористуваат слабостите на американската економија.
„Не можеме да бидеме тие глупави луѓе“
Трамп, коментирајќи ја состојбата со американскиот трговски дефицит и долг, нагласи дека САД повеќе нема да дозволат да бидат „измамени од многу земји“ како во минатото.
„Имаме долг од 36 трилиони долари со причина. Ќе разговараме со сите – со Кина, со ЕУ, со секоја земја која сака фер договор. Ако не сакаат – нема да соработуваат со нас“, порача тој.
Според Трамп, некои земји кои „ги експлоатирале САД“ веќе почнале да покажуваат подготвеност за преговори. „Ова е нивната единствена шанса да ги ресетираат трговските односи со САД“, рече тој.
Враќање на американските фабрики
Американскиот претседател додаде дека новата царинска политика има цел да ги врати производствените капацитети во САД и да го засили економскиот раст.
„Повеќе нема да се грижиме само за нашите непријатели, ќе се грижиме и за нашите пријатели. Ова е почеток на економска обнова“, заврши Трамп.