Таткото на Вања сведочи: Првпат го видов Палевски во судница

Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска, сведочеше во продолжението на судењето за грабнувањето и убиството на неговата ќерка и на Панче Жежовски. Тој изјави дека инспекторите не покажале доволен ангажман за пронаоѓање на Вања и наместо тоа граделе случај против него.

„Градеа случај кон мене. Сè што правеа инспекторите беше насочено кон тоа – не ја бараа Вања. Се однесуваа кон мене како да сум ретардиран, а всушност информациите ги добиваа од мене“, изјави Ѓорчевски.

Незаинтересираност за теренска потрага

Според Ѓорчевски, кога инспекторите Музафер и Славчо излегле на Водно за да ја бараат Вања, не поминале повеќе од 15 метри во периметар. Иако тие сведочеа дека тој не излегол од возилото, Ѓорчевски тврди дека ги следел и дека активно учествувал во потрагата.

Обвинувања за манипулации и неправилности

На прашање дали изјавил дека Вања е киднапирана и убиена и дека треба да се бара лице за преговори за откуп, Ѓорчевски категорично одговори дека никогаш не сакал ниту да помисли дека неговата ќерка е мртва.

Тој истакна дека инспекторите Музафер и Гоце разговарале меѓу себе многу повеќе отколку што зборувал тој. Зборувајќи за имотниот договор со мајката на Вања, Зорица, Ѓорчевски истакна дека вложил максимален напор за да се реализира дарувањето на становите на децата.

Преписки и снимки како дел од доказите

Во врска со преписките со началникот на полицијата, Ѓорчевски потврди дека испратил скриншот за движење на бело комбе, но не се сеќава дали станувало збор за „рено кангуто“. Тој објасни дека снимките не биле доволно јасни за да се утврди која марка е возилото и колку лица има во него.

За „цитроенот“, за кој подоцна се утврдило дека е поврзан со случајот со Панче, Ѓорчевски рече дека првите информации ги добиле преку системот „Сејфсити“.

Одбивање да комуницира со Палевски

Во продолжение на рочиштето, првообвинетиот Љупчо Палевски му поставуваше прашања на Ѓорчевски. Тој категорично одби да комуницира со него и истакна дека првпат го видел во судница.

„Немам коментар“ беше неговиот одговор на секое наредно прашање на Палевски, иако судот го потсети дека обвинетиот има право да поставува прашања.

Verified by MonsterInsights