Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска, сведочеше дека, во моментите на најголема неизвесност, испратил порака на телефонот на ќерка си, со надеж дека киднаперите ќе го видат и ќе се јават.
„Пораката гласеше: ‘Сѐ што ќе побарате, сѐ ќе направиме’“, рече тој пред судот.
Под лупа на полицијата поради имот
Ѓорчевски сведочеше дека полицијата започнала да се сомнева во него поради нивниот семеен имот. Објасни дека становите кои биле реновирани за децата биле префрлени на нивно име со цел да се избегне плаќање данок. „Станот на Наум Наумовски Борче беше за Миња, а тој на Партизанска за Вања“, изјави тој.
Барал помош од сите страни
Во обидот да ја најде Вања, Александар се обратил до Американската амбасада, Интерпол, КФОР и пријатели во МВР. „Се обидувавме да останеме смирени пред Миња. Зорица комуницираше со медиуми, собираше снимки, добивавме пораки од јасновидци и лажни информации дека Вања е на Косово“, рече тој.
Контроверзна порака во вибер група
На прашање за вибер групата со родители, Александар призна дека испратил и веднаш потоа избришал порака, во која ја критикувал полицијата за неефикасна истрага. Пораката била одговор на коментар од мајка на другарка на Вања. „После неколку минути ја избришав. Полицијата веќе се сомневаше во мене“, вели тој.