Деветмина цивили го загубија животот, а најмалку седум се повредени во руски напад со дрон врз цивилен минибус утрово во градот Билопилја, во североисточниот украински регион Суми, соопштија локалните власти.
Според гувернерот Олег Хригооров, нападот бил „нехуман и целен кон невини граѓани“, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека станува збор за „намерно убиство на цивили“.
Москва негира, но украинските власти инсистираат
Иако Русија не се огласи официјално за нападот, државните медиуми во Москва објавија дека бил погоден „воен објект“ во регионот Суми – изјава што украинските власти остро ја демантираат, тврдејќи дека целта бил јавно патничко возило.

Нападот следи по мировните разговори
Инцидентот се случи само неколку часа по првите директни мировни разговори меѓу Украина и Русија од 2022 година, кои, иако не донесоа значителен напредок, резултираа со договор за размена на 1.000 заробеници.
Украина повторно апелираше за целосен и безусловен прекин на огнот, а како можен следен чекор се најавува директна средба меѓу претседателите Зеленски и Путин.
Трамп и Путин – клуч за мировен пробив?
САД, пак, сметаат дека вистински напредок може да се постигне само преку директна средба меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин. Според американски извори, тоа би било „единствениот начин да се утврди дали двете страни навистина се подготвени за мир“.