Штедете и возете еко: Avant2Go нуди електричен автомобил за 22 денари по километар

Во јуни започнува првата услуга за изнајмување целосно електрични автомобили во Македонија – Avant2Go, која им овозможува на граѓаните да возат без да поседуваат автомобил. Возењето ќе чини 22 денари по километар и 6 денари по минута, што е поевтино од класичен такси-превоз, велат надлежните.

Проектот беше промовиран со пристигнување на вицепремиерот Изет Меџити и министерката за енергетика Сања Божиновска во електричен автомобил од новата флота.

100 автомобили, до 60 локации и целосна дигитална услуга

Првично ќе бидат достапни 100 возила на 40 до 60 локации низ Скопје, а секој месец се планира зголемување на бројката. Изнајмувањето ќе функционира преку мобилна апликација, која е достапна за преземање веќе од денес. Возилата се во сопственост на компанијата Avant2Go Car-Sharing – Macedonia.

Корисниците ќе плаќаат само за времето на користење, а резервацијата, отклучувањето и користењето се вршат преку апликацијата.

Еколошки и економски придобивки

Вицепремиерот Меџити истакна дека проектот не е само технолошка новост, туку стратешка инвестиција за еколошка иднина. „Ова значи нулта емисија на штетни гасови, тивка мобилност и намалување на потребата за купување втор или трет автомобил во семејствата,“ изјави тој.

Според него, едно car-sharing возило заменува 10 до 15 приватни автомобили, што го прави системот особено погоден за урбани средини.

Препорака за студенти и млади корисници

Министерката Божиновска го препорача користењето на услугата особено за студентите и младите, како поевтина и поодржлива алтернатива на таксито.

Во иднина – до 1.000 возила низ Македонија

Основачот на проектот, Матеј Цер, најави експанзија на услугата и во другите градови низ земјава. „Во наредните две до три години очекуваме до 1.000 електрични автомобили достапни низ цела Македонија,“ изјави тој.

Verified by MonsterInsights