Пратеникот на СДСМ и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека истрагата за трагедијата во Кочани мора да биде сеопфатна, објективна и неселективна. Според него, јавноста заслужува одговор не само за причините на несреќата, туку и за улогата – или пропустите – на институциите, вклучително и на Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Најважно е истрагата да ги даде сите одговори, вклучително и за тоа зошто никој од актуелните носители на функции, освен градоначалникот, не се споменува како можен одговорен“, изјави Спасовски во емисијата Трилинг на ТВ24.
Прашања без одговор: Кој дозволи дискотеката да работи?
Спасовски истакна дека МВР било свесно дека дискотеката функционира, особено со оглед на фактот дека вечерта на трагедијата имало најавен план за контрола на малолетници и трговија со опојни материи.
„Ако контролата започнала само десет минути пред трагедијата, тогаш се поставува прашањето: зошто не била активирана порано? Зошто никој не го извршил планот за процена на ризик? Зошто службениците кои биле таму не ја прекинале забавата?“ – праша Спасовски.
Повик за целосна одговорност
Тој додаде дека граѓаните бараат одговорност, не само за организаторите и сопствениците на дискотеката, туку и за сите институции кои по закон биле должни да реагираат, но тоа не го направиле.
Според Спасовски, се отвора сомнеж дека истрагата се води селективно, што дополнително ја поткопува довербата во институциите.