Во емотивен чин на солидарност и почит, синоќа Нијагарските Водопади во Канада беа осветлени во црвено и жолто – боите на македонското знаме. Гестот беше организиран во чест на жртвите од трагичниот пожар што се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што загинаа 59 лица, а речиси 200 беа повредени.
Точно во 21:00 часот по локално време, водопадите блеснаа во симболични бои, пренесува „Торонто стар“. Настанот беше организиран од Македонското друштво од Онтарио и познатиот македонско-канадски активист Јордан Битов.
Пред статуата на Никола Тесла, која се наоѓа во близина на водопадите, се собраа македонски иселеници и граѓани кои им оддадоа почит на загинатите. Со запалени свеќи и минута молк, тие покажаа дека трагедијата ги потресе Македонците низ целиот свет.
Осветлувањето на Нијагара е уште еден доказ за глобалната поддршка и солидарност што Македонија ја доби по трагичниот настан. Во изминатите денови, денови на жалост беа прогласени и во неколку соседни земји, а бројни меѓународни организации понудија помош за повредените и нивните семејства.
Настанот покажа дека болката од трагедијата не познава граници – и дека човечката поддршка, колку и да е симболична, значи многу.