Министерството за здравство информира за најновата состојба на повредените
Шест пациенти кои се лекуваат во странство по трагедијата во Кочани се во критична состојба. Министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави дека станува збор за двајца пациенти кои се на лекување во Клиничкиот центар во Љубљана и четворица на Воено-медицинската академија во Белград.
Според Таравари, од понеделник се очекува пет пациенти да бидат испишани од болниците и да се вратат во земјава, но со напомена дека овие исписи сè уште не се финализирани.
„Планирано е еден испис од Италија, два од Шпанија, еден од Шведска и два од Австрија. Ќе потврдиме во понеделник“, изјави министерот.
Во Скопје се лекуваат уште 54 лица
Во домашните здравствени установи во Скопје се лекуваат 54 пациенти. Од нив, 27 се во Клиничкиот центар, 11 во болницата „8 Септември“, 10 на „Св. Наум Охридски“, а шест пациенти се сместени во приватна здравствена установа. Сите се во стабилна состојба.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, предупреди дека процесот на закрепнување ќе биде долг.
Зголемен ризик од инфекции
„Иако ризикот од изгореници и респираторни пречки се намалува, ризикот од инфекции се зголемува. Ќе биде потребна долготрајна медицинска нега“, изјави Клековски.
Нов извештај во понеделник
Министерството за здравство најави нова прес-конференција за понеделник, кога ќе има повеќе информации за состојбата на пациентите во земјава и странство, како и за исписите кои се очекуваат. Се нагласува дека борбата за животот на најтешко повредените сè уште трае.