„Се врати да ги спаси децата…“ – Даниел Кајмакоски со последен поздрав до Андреј од ДНК

Македонскиот пејач Даниел Кајмакоски сподели потресна порака на својот Инстаграм профил, опростувајќи се од својот пријател и колега Андреј Ѓоргиески, кој трагично го загуби животот во катастрофалниот пожар во дискотеката во Кочани.

Кајмакоски ја сподели својата длабока тага и сочувство кон семејствата на сите жртви, нарекувајќи го денот на трагедијата еден од најмрачните во неговиот живот.

„Се врати да ги спаси децата…“ – Болни зборови за загубата

Во својата објава, пејачот истакна дека Андреј бил човек со голема душа, секогаш подготвен да помогне. Но, неговите зборови кои најмногу допреа до јавноста беа оние во кои откри дека Андреј, во обид да помогне, се вратил во дискотеката за да ги спаси децата.

„Срцето ме боли за сите загинати во пожарот во Кочани. Не знам како родителите и семејствата се справуваат со оваа страшна загуба и болка, се молам Господ да им даде сила. Андреј, многу ми е тешко да се збогувам со тебе. Голема душа, секогаш подготвена да помогне. Се врати да ги спаси децата од дискотеката… ќе ми недостигаш неизмерно.“

Последен поздрав за загинатите музичари

Кајмакоски во својата објава им оддаде почит и на останатите музичари кои трагично го загубија животот во несреќата.

„Изгубивме прекрасни луѓе и колеги. Андреј Ѓоргиески, Сара Пројковска, Ѓорги Ѓоргиев, Филип Стевановски, Александар Коларов. Моите мисли и молитви се со жртвите и нивните семејства“, напиша тој.

Оваа трагедија остави голем белег врз македонската музичка сцена и јавноста, која со неверување и тага се простува од младите животи кои прерано згаснаа.

Пораката можете да ја прочитате подолу.

Verified by MonsterInsights