Сакате нов велосипед? Центар ви враќа пари за набавка!

Општина Центар официјално го започна проектот „Цел Центар на точак“ за 2025 година, со кој граѓаните повторно имаат можност да добијат субвенции за купување велосипеди, електрични велосипеди, електрични тротинети и дополнителна опрема.

Што покриваат субвенциите?

Според јавниот повик што денеска е објавен од Општината, корисниците ќе можат да добијат:

  • 30% од цената за купување на велосипед, е-велосипед или е-тротинет, но не повеќе од 3.000 денари.
  • 30% од цената за дополнителна опрема (кацига, седиште за деца, катанец, светло, катадиоптри и друго), но не повеќе од 1.000 денари.

Овој повик ќе трае се додека не се исцрпат средствата предвидени во буџетот на Општина Центар и ќе се применува принципот “прв дојден – прв услужен”.

Кој може да аплицира?

Субвенциите се наменети за полнолетни жители на Општина Центар кои направиле набавка на велосипед или опрема на или по 21 март 2025 година. За да се аплицира, потребно е да се достави:

  • Барање за субвенција (достапно на веб-страницата www.centar.gov.mk или во архивата на Општината)
  • Копија од лична карта
  • Копија од трансакциска сметка
  • Оригинална фискална сметка од направената набавка

Целта на проектот

Со овој проект, Општина Центар има за цел да ја зголеми употребата на алтернативни и еколошки начини на транспорт, да го намали сообраќајниот метеж и да го подобри квалитетот на воздухот во урбаниот дел на Скопје.

Verified by MonsterInsights