Индија и Пакистан постигнаа договор за моментален прекин на огнот, ставувајќи крај на деновите на ескалирани судири што ги разгореа стравувањата од поширока војна помеѓу двете нуклеарно вооружени држави, објави британскиот Гардијан.
Дипломатско посредство на САД
Одлуката е резултат на интензивни дипломатски преговори во кои посредувале САД, со директно вклучување на американскиот државен секретар Марко Рубио и вицепремиерот Џеј Ди Венс.
Американскиот претседател Доналд Трамп прв ја објави веста за примирјето преку својата платформа Truth Social, истакнувајќи:
„По долга ноќ на разговори со посредство на Соединетите Американски Држави, со задоволство објавувам дека Индија и Пакистан се согласија на ПОТПОЛН И НЕПОСРЕДЕН ПРЕКИН НА ОГАНОТ. Честитки до двете земји за користењето на здрав разум и одлична интелигенција.“
Потврда од двете страни
Прекинот на огнот подоцна беше потврден од пакистанскиот заменик-премиер Ишак Дар, кој преку објава на социјалната мрежа X информираше дека примирјето стапува во сила веднаш.
Од Индиската страна, министерот за надворешни работи Викрам Мисри објави дека началниците на воените операции на двете земји имале директен контакт и се договориле да ги прекинат сите воени активности на копно, воздух и море.
Наредна средба на 12 мај
Индискиот министер додаде дека обете страни издале директни инструкции до вооружените сили за спроведување на договорот и најави нова средба меѓу високите воени претставници закажана за 12 мај.