Руте: „Ќе инвестираме 5% од БДП – ова е историски момент“
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, најави историско зголемување на трошоците за одбрана – до 5% од БДП на земјите-членки. Изјавата доаѓа во пресрет на самитот на НАТО, што се одржува во Хаг, а каде се очекуваат „смели и фундаментални одлуки“.
– Светот станува сè поопасен. Безбедносната ситуација драматично се промени. Не може повеќе да се одложува – рече Руте.
Зошто токму 5% од БДП? – НАТО ги затегнува редовите
Руте објасни дека досегашната цел за 2% од БДП за одбрана била доволна пред неколку години, но денес, во контекст на руската агресија и геополитичките тензии, тоа повеќе не е доволно. Неколку земји веќе го достигнале новото ниво – како Полска, Естонија и Литванија – додека Шпанија останува под 2%.
– НАТО нема клаузула за исклучок – порача Руте, алудирајќи на отпорот на Шпанија.
Поддршка за Украина: Над 35 милијарди евра во 2025
Генералниот секретар потврди дека НАТО нема да се повлече од поддршката за Украина, најавувајќи дека ќе бидат обезбедени повеќе од 35 милијарди евра за воена и безбедносна помош во следната година.
– Москва останува најголемата и најдиректна закана – изјави тој.
Западен Балкан и дијалогот со Србија
Пет од осумте земји од Западен Балкан се веќе членки на НАТО. Руте истакна дека е во постојан дијалог со претседателот на Србија и оти, иако често не се согласуваат, важно е разговорите да продолжат.
– Алијансата останува присутна во регионот преку КФОР и ЕУФОР.
Иран и нуклеарниот ризик
Руте предупреди дека Иран не смее да развива нуклеарно оружје и дека тоа претставува сериозна закана за стабилноста во светот.
– Мојот најголем страв е Иран да распореди нуклеарно оружје со цел да изврши доминација врз регионот и пошироко – рече тој.