Руте: Зголемување на воздушната одбрана на НАТО од 400%
Новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, најави дека Алијансата ќе бара масивно зголемување на својата воздушна и ракетна одбрана – за цели 400 проценти. Оваа најава предизвика силна реакција од Кремљ, кој НАТО повторно го нарече „инструмент на агресија и конфронтација“.
Во својот говор во Лондон пред британскиот тинк-тенк „Четам Хаус“, Руте истакна дека Алијансата мора да направи „квантен скок“ во својата одбрана, не само преку зајакнување на воздушниот штит, туку и преку набавка на илјадници оклопни возила, тенкови и милиони артилериски гранати.
„Гледаме што прави Русија во Украина – шири терор од воздух. НАТО мора да го заштити сопствениот воздушен простор соодветно“, рече Руте. Тој додаде дека опасноста од Русија нема да исчезне ни по евентуалниот крај на војната во Украина.
Кремљ реагираше преку портпаролот Дмитриј Песков, кој рече дека изјавите на Руте се доказ дека НАТО останува агресивна организација, насочена кон конфронтација.
Во исто време, се засилува и американскиот притисок врз европските членки на НАТО. Претседателот Доналд Трамп побара сите земји да ги зголемат своите одбранбени трошоци на најмалку пет проценти од БДП, а американскиот министер за одбрана Пит Хегсет најави дека договорот за оваа цел е „многу близу“.
Сите овие сигнали покажуваат дека НАТО влегува во нова, засилена фаза на одбранбена стратегија – подготвена за секакво сценарио.