Руското Министерство за одбрана денеска објави дека нападот со балистички ракети врз градот Суми бил насочен кон воен состанок на украинската армија. Според Москва, нивните сили употребиле две ракети „Искандер“ за да го погодат „местото каде што се состанала командната група“ на вооружените сили на Украина.
Украина и светот: Жртви се цивили, меѓу нив и деца
Украинските власти тврдат дека во нападот загинале најмалку 34 лица, меѓу кои и две деца, а околу 100 се повредени. Според официјалниот Киев, ракетата го погодила јавен простор во густо населен дел од градот каде што немало воено присуство.
Обвинувања за користење цивили како штит
Руските власти дополнително го обвинија Киев дека ја злоупотребува сопствената цивилна популација. „Украина продолжува да го користи населението како жив штит со поставување на воени објекти или организирање воени состаноци во центарот на густо населени градови“, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.
Меѓународна осуда
Нападот во Суми наиде на остра осуда од страна на меѓународната заедница, која го оцени како трагичен и неприфатлив удар врз цивилното население. Голем број држави и организации повикаа на темелна истрага и повикување на одговорност за страдањето на недолжни граѓани.