Претседателот на Русија, Владимир Путин, постави пет конкретни услови кои, според него, треба да бидат исполнети за да се стави крај на војната во Украина. Според извештајот на „Киев Индепендент“, кој се повикува на информации од три неименувани руски извори, условите веќе се доставени до некои европски држави и се бараат писмени гаранции за нивното исполнување.
Петте услови на Путин се следни:
- Гаранција дека НАТО нема да се шири на исток, со што практично се бара Украина, Грузија, Молдавија и другите поранешни советски републики да не станат членки на Алијансата.
- Украина да биде неутрална држава, односно да не се приклучува кон ниеден воен сојуз.
- Делумно укинување на западните санкции, воведени поради руската инвазија.
- Решавање на прашањето за замрзнатите руски имоти низ Европа и САД.
- Заштита на рускојазичното население во Украина, што Русија постојано го користи како аргумент за интервенции.
Еден од изворите за „Ројтерс“ изјавил дека Кремљ верува оти Русија може да ја продолжи војната со години, без разлика на санкциите и економскиот притисок. Вториот извор додал дека Путин не е подготвен на никакви отстапки кога станува збор за територијалните прашања – односно, Русија продолжува да инсистира дека четирите анектирани региони во источна Украина се дел од нејзината територија.
Официјалниот Кремљ засега не ги коментира овие услови, а ниту Киев не излезе со реакција. И покрај обидите за меѓународна медијација, јасно е дека разговорите за мир ќе бидат исклучително сложени и полни со непремостливи разлики – барем засега.