Министерството за здравство потврди два случаи на мајмунски сипаници кај мажи на возраст од 40 и 44 години, двајцата од Скопје. Институтот за јавно здравје истакна дека станува збор за неповрзани случаи, при што ниту еден од заразените не патувал надвор од државата во последниов период.
Еден пациент хоспитализиран, другиот се уште не се пријавил
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, информираше дека еден од пациентите веќе е хоспитализиран заради изолација, додека вториот, иако има потврдени резултати, сè уште не е под болничка грижа.
„И покрај тоа што ова е првпат мајмунските сипаници да се појават кај нас, сакам да упатам смирувачки тон – станува збор за заболување кое е познато и контролирано,“ рече Андоновска.
Нема тешка клиничка слика, но се прават епидемиолошки анализи
Епидемиологот Драган Кочински изјави дека двајцата пациенти имаат полесна форма на болеста. Во моментов се истражуваат нивните контакти, при што кај еден пациент се идентификувани две фамилии како директни контакти.
„Контактите се познати, пациентите соработуваат, и тоа е клучно за брзо справување со ситуацијата,“ додаде Кочински.
Нема специфичен лек – предупредување против дезинформации
Директорот на Инфективната клиника, Фадил Цана, појасни дека не постои специфична терапија за мајмунски сипаници, ниту кај нас, ниту во светот. Лекување се врши симптоматски, а само во тешки случаи и кај имуноослабени лица се применуваат антивирусни препарати.
„Ве молам, не барајте одговори на Google – ова не е болест што се лекува со совети од интернет. Точни информации доаѓаат само од надлежните институции,“ истакна Цана.
Примероците ќе се испратат во Холандија
Институтот за јавно здравје најави дека примероците од двајцата пациенти ќе бидат испратени во специјализирана лабораторија во Холандија за дополнителна генетска анализа и утврдување на точниот подтип на вирусот.
Што се мајмунски сипаници?
Мајмунските сипаници се вирусна болест предизвикана од monkeypox вирусот. Симптомите вклучуваат температура, главоболка, треска, мускулна болка, отечени лимфни јазли и осип кој се појавува неколку дена по почетните симптоми. Болеста обично трае од две до четири недели, а се пренесува преку блиски телесни контакти.