Проширена истрагата за пожарот во Кочани – 45 лица под лупа

Државниот обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека објектот на дискотеката „Пулс“ во Кочани цели 13 години не бил предмет на ниту една инспекциска контрола. Во истиот период, објектот бил пренаменет од лесна индустрија во угостителски простор без почитување на безбедносни стандарди.

Проширена истрага: 45 лица и три фирми

Во истрагата се опфатени 45 лица и три фирми. Меѓу нив се поранешни министри за економија, државни секретари, градоначалници, директори на институции и инспектори. За дел од нив, Обвинителството бара мерки како притвор, куќен притвор и претпазливост. Случајот сè уште е во фаза на истрага и ќе трае најмалку уште два месеца.

Нема надзор, нема контрола

Коцевски откри дека во Кочани не постоел ниту инспектор за заштита и спасување, а угостителските објекти не биле предмет на контрола. Одговорноста, според него, се проширува и на Дирекцијата за заштита и спасување, која никогаш не извршила надзор над вакви објекти.

Меѓу осомничените и поранешни и актуелни функционери

Меѓу осомничените се и поранешните министри Беким Незири, Дритон Кучи и Ваљон Сарачини, како и поранешниот директор на пазарниот инспекторат Виктор Дерменџиев. Под истрага се и актуелниот министер без ресор Шабан Салиу и неговите наследници во ДЗС – Џаферовски и Селами.

Тошковски: Заврши времето кога кабелот беше виновен

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека заврши времето кога причините за трагедии се прикриваа со пајак или кабел. Сега, вели тој, законот важи за сите и со сериозна истрага може да се „рестартира“ системот.

Одговорност за тешки дела против општата сигурност

Сите 45 лица се под сомнение за „тешки дела против општата сигурност“. Коцевски објасни дека засега е рано да се прецизира кои лица ќе одговараат за што, но истрагата веќе покажува сериозни системски пропусти. Тој посочи примери од други земји каде што по слични трагедии, казни биле изречени не само за директните виновници, туку и за институциите кои затаиле.

Verified by MonsterInsights