Трагедијата во дискотеката во Кочани, која досега однесе 59 животи, остави длабоки рани кај преживеаните и нивните семејства. Марија Тасева, 20-годишна девојка која е меѓу повредените, пред камерата на МИА сведочеше за моментите на страв и паника кои настанале кога избил пожарот.
„Сите трчаа надвор, а јас паднав на земја“
Марија раскажува дека во моментот кога пламените јазици почнале да го зафаќаат клубот, настапил тотален хаос.
„Сите почнаа да трчаат надвор. Сите гледаа да се спасат себеси. Сестра ми е изгубена. Не можеме да ја најдеме во никоја болница. Сега чекаме тука резултати дали ќе ја најдеме, ако не, на крај во Скопје. Излегувајќи надвор, паднав на земја и другите газеа врз мене, едноставно бев на земја со образот.“ – сведочи Тасева.
Десетици семејства во неизвесност
Таткото на Марија е во шок и сè уште нема никаква информација за неговата втора ќерка, која има 25 години. Семејството е во очајничка потрага, надевајќи се дека ќе ја најдат во некоја од болниците.
Во меѓувреме, повеќе од 150 лица се повредени и пренесени во болниците низ Македонија, а дел од нив се во тешка состојба. Властите ја продолжуваат истрагата за причините за пожарот, додека семејствата на загинатите и исчезнатите очекуваат одговори и правда.