Пресуда денеска за Васил Јованов – трагичната несреќа кај Универзална сала

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска ќе биде изречена пресудата за Васил Јованов, обвинет за тешката сообраќајна несреќа што се случи на 29 јануари 2025 година на булеварот „Партизанска“, во близина на Универзална сала. Во несреќата животот го загуби Фросина Кулакова, млада жена која поминувала пешачки премин на зелено светло.

Јованов возел без дозвола, со 91 км/ч и удрил во Кулакова

Според обвинението, Јованов управувал возило марка „Пежо 207“ без возачка дозвола и се движел со брзина од 91 км/ч. Несреќата се случила кога тој, на црвено светло, удрил во Кулакова која минувала на зелено. Од силината на ударот, таа починала на лице место.

Јованов го признал делото на едно од претходните рочишта, а за кривичното дело за кое се товари – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот – е предвидена затворска казна до 20 години.

Обвинение и за неговиот татко – дозволил управување на возило без дозвола

Обвинителството поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, кој се товари за кривично дело „предизвикување општа опасност“. Според наводите, тој му го доверувал возилото иако знаел дека неговиот син нема возачка дозвола и има претходни прекршоци во сообраќајот.

Јованов со претходна затворска казна и пет прекршочни постапки

Обвинителот Александар Марковски пред судот изнесе докази дека Јованов веќе има правосилна затворска казна од три години и десет месеци, како и пет прекршочни постапки кои не се процесуирани. Сето тоа, според обвинителството, треба да влијае врз висината на казната која ќе му биде изречена денес.

Денешната пресуда ќе биде клучна за јавноста која внимателно го следи овој случај, симбол на погубните последици од безобѕирното и незаконско управување со возило. Семејството на Фросина Кулакова и пошироката јавност очекуваат правда за трагично згаснатиот млад живот.

Verified by MonsterInsights