Почина Папата Франциск – Симбол на љубов и мир, прв папа кој ја посети Македонија

Папата Франциск, поглаварот на Римокатоличката црква кој прв ја посетил Македонија, почина денес. Историската посета на нашата земја се случи на 7 мај 2019 година под мотото „Не плаши се, мало стадо“ и беше момент што остави силен печат врз македонската католичка заедница.

Папата Франциск и охрабрувањето на македонските католици

Посетата на Папата беше наменета за охрабрување на македонската католичка заедница, мала по број, но жива во верата. Ова беше симболичен чин на поддршка од страна на понтифот, кој низ својот понтификат ги ставаше во фокус токму малите, маргинализирани цркви на „периферијата“.

Симболика и пораки од Светата миса во Скопје

На плоштадот Македонија во Скопје се одржа миса пред 15.000 верници, при што Папата Франциск упати пораки за љубов, мир и заедништво. Посетата се совпадна со 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Ватикан. Папата ги повика присутните да го следат делото на скопјанката Мајка Тереза – симбол на милосрдието и човечноста.

Посетата во време на политички тензии

Посетата на Папата се случи неполни четири месеци по промената на името на државата, во момент на длабока политичка поделеност. На плоштадот, Папата беше пречекан од тогашниот претседател Ѓорге Иванов, додека новоизбраниот претседател Стево Пендаровски штотуку го преземаше мандатот. Во обраќањата, Иванов ја потенцираше разочараноста од прекршените ветувања на меѓународната заедница, додека премиерот Зоран Заев повика на обединување и соживот.

Посета на Спомен куќата на Мајка Тереза

По мисата, Папата Франциск ја посети Спомен куќата на Мајка Тереза, каде се сретна со болни и маргинализирани лица, како и со верски лидери од земјава. Посетата кулминираше со голема свеченост и миса на отворено, при што Папата во папамобилот ја обиколи Скопје, поздравувајќи ги граѓаните кои дојдоа да го видат.

Verified by MonsterInsights