Министерството за здравство денеска потврди дека 23-годишниот Стојанче Стефанов од Кочани, една од најтешко повредените жртви во трагедијата во дискотеката „Пулс“, им подлегнал на повредите во Воено Медицинската Академија во Белград. Тој е 62-та жртва од пожарот што се случи на 16 март.
Тешки повреди и месец на животна борба
Стефанов веднаш по несреќата беше пренесен во Белград, поради 27% телесни изгореници и сериозни повреди од вдишување чад. Од првиот ден бил интубиран, со критична здравствена состојба, а подоцна приклучен и на ЕКМО апарат – систем кој ја оксигенира крвта надворешно, поради сериозно оштетување на белите дробови. На 4 април му била извршена хируршка интервенција, но и покрај сите напори на лекарите, неговата состојба останала нестабилна.
Министерството со сочувство
Во соопштението на Министерството се вели:
„Изразуваме најдлабоко сочувство до семејството на Стојанче и до сите погодени од трагедијата во Кочани. Тој беше еден од пациентите со најтешки повреди и нашите мисли се со неговите најблиски.“