Песна на Кирил Џајковски во новата Марвел серија „Дардевил: Роден повторно“

Песната „Бордел Танго“ на македонскиот композитор Кирил Џајковски се појавува во новата телевизиска серија на „Дизни+“ – „Daredevil: Born Again“, базирана на популарниот стрип лик на Марвел. Музиката се слуша во завршната сцена од претпоследната епизода од серијата, која се смета за една од најочекуваните ТВ-наслови во 2025 година.

Пласманот на песната е направен од страна на македонската издавачка куќа и музичка лиценцна компанија „Филтер лејбел“.

„Бордел Танго“ првично беше создадена за филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски, но подоцна стана препознатлива и надвор од тој контекст. Неодамна беше вклучена во музичко-балетскиот перформанс „The Waste Land“ на холандскиот ансамбл Amsterdam Sinfonietta, заедно со дела на Стравински, Берг и Мајкл Најман.

Композицијата ќе биде изведена и на претстојниот голем концерт со филмска музика на Кирил Џајковски, закажан за 15 јуни во Македонската опера и балет.

Во серијата „Daredevil: Born Again“, покрај музиката на Џајковски, се слушаат и дела од светски познати уметници како Ник Кејв и неговиот бенд The Bad Seeds, што го потврдува квалитетот и универзалната привлечност на музиката на македонскиот композитор.

Verified by MonsterInsights