Протест под мотото „Ќе (оп)стоиме заедно“
Парадата на гордоста за 2025 година ќе се одржи на 21 јуни во Скопје, под мотото „Ќе (оп)стоиме заедно“. За разлика од претходните изданија, годинава нема да има концерт – туку протестен марш со фокус на борбата против институционалната дискриминација и невидливоста на ЛГБТИ+ заедницата.
Наместо музика – протест против системска невидливост
Организаторите, Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, објаснија дека одлуката да нема концерт е директен одговор на тоа што, како што велат, образовниот систем ги игнорира и брише нивните идентитети.
„Зголеменото насилство, омразата и исмевањето во училиштата не се случајни, тие се последица на институционален срам и молк. Наместо заштита, образовните политики нудат невидливост. Наместо грижа – негирање. И токму затоа ќе застанеме пред Министерството за образование, гласни и непокорни, затоа што младите заслужуваат“, изјави активистот Стефан Петровски.
Почеток во 18 часот, марш низ Скопје во 19
Собирот на учесниците ќе започне во 18 часот во паркот Жена-борец, каде ќе се одржат и кратки говори. Од 19 часот, ќе започне маршот низ улиците на Скопје, во знак на отпор и повик за еднаквост, безбедност и системска видливост.
Повик за заедништво и институционална одговорност
Организаторите повикуваат на масовна поддршка од граѓаните, потенцирајќи дека оваа парада е повеќе од настан – таа е симбол на опстојување, гласност и одбивање на молк. Целта е да се испрати порака до институциите дека младите заслужуваат да бидат препознаени, заштитени и прифатени.