Унгарскиот премиер Виктор Орбан свика итен состанок на економската влада поради, како што ја нарече, „енергетска закана од Украина“, оценувајќи дека Европската Унија планира мерки што директно ќе го загрозат стандардот на унгарските и европските семејства.
Во видео објавено на Фејсбук, Орбан изјави дека Брисел е подготвен да ги поддржи украинските интереси, дури и по цена на дестабилизирање на европските енергетски системи. Според него, плановите за блокада на гасот и нафтата од Русија можат да имаат драматични последици за граѓаните на Унгарија.
Страв од раст на трошоците за граѓаните
Орбан предупреди дека евентуалното прекинување на транзитот на руски гас преку Украина би можело да ја удвои сметката за струја и да ја зголеми сметката за гас повеќе од трипати. Тој наведе и конкретни суми: од 7.000 на 14.000 форинти за струја, и од 16.000 на 54.000 форинти за гас.
„Ова не е теорија – ова ќе се почувствува уште од септември,“ рече Орбан и додаде дека Унгарија ќе мора да се подготви за дополнителни буџетски трошоци од 800 милијарди форинти (околу 2 милијарди евра) доколку Киев ја прекине испораката.
Унгарија ќе ја блокира одлуката на ЕУ
Како можен одговор, Орбан најави дека унгарската влада би можела да ја блокира заедничката одлука на Европската Унија во Брисел. Тој инсистира дека Унгарија мора да ги заштити своите граѓани и економија од, како што вели, неодговорните енергетски политики на ЕУ.
Киев – виновник за енергетската криза?
Паралелно со изјавата на Орбан, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто повторно ја обвини Украина како еден од главните предизвикувачи на енергетската криза во Европа. Тој истакна дека неколку земји од Централна Европа се соочуваат со сериозни проблеми, а дека Србија веќе обезбедува алтернативни правци за транзит на гас.