ОЈО отвори истрага за дивоградба на шест ката во Чаир

Основното јавно обвинителство Скопје покрена истрага против едно лице осомничено за бесправно градење на шесткатна зграда со деловни простории на улицата „Кемал Сејфула“ во скопската општина Чаир – објект кој се градел без дозвола и на државно земјиште.

Дивоградба од шест ката без дозвола

Објектот, според ОЈО, почнал да се гради во 2024 година, а осомничениот, кој бил управител на правно лице, се јавувал како инвеститор на градбата – станбена зграда со катност По+П+6+Пк, наменета за продажба.

Судски вештак утврдил дека објектот веќе е во напредна фаза – целосно избетонирана армирано-бетонска конструкција до шести кат, со започнато ѕидање на надворешни и внатрешни ѕидови.

Мерки на претпазливост против инвеститорот

Јавниот обвинител предложи мерки на претпазливост до судија на претходна постапка, меѓу кои:

  • обврска за редовно јавување кај службено лице,
  • привремено одземање на патната исправа,
  • забрана за продолжување на градежните работи на објектот.

Истрагата е покрената по пријава од група граѓани, а станува збор за дело според член 244-а од Кривичниот законик – Бесправно градење.

Verified by MonsterInsights