Во Љубљана денеска се случи вознемирувачка сцена кога опозицискиот пратеник Андреј Хоивик се качи на покривот на словенечкиот парламент и јавно се закани дека ќе скокне. Настанот предизвика шок и загриженост кај граѓаните, а видеа од инцидентот брзо се проширија на социјалните мрежи.
„Ако ми се доближиш, скокам“
Хоивик стоел на работ од покривот, обраќајќи им се на присутните подолу. Во моментот кога една жена од прозорец го замолила да се симне, тој одговорил дека ќе го заврши својот говор и дека ќе скокне ако некој се доближи до него.
„Она што го прават во оваа земја не е исправно“, извика Хоивик, додавајќи дека тие се „Генерација З“ и дека не можат повеќе да молчат.
Брза реакција на службите
Пожарникарите пристигнаа на местото со скали и по неколку минути убедување, успеаја да го спуштат пратеникот на сигурно. Тој беше веднаш пренесен со брза помош под полициска придружба на медицинска проценка.
Според информациите од словенечката новинска агенција СТА, заслугата за спасувањето му припаѓа на заменик-пожарникарот, кој лично се качил на покривот и го убедил Хоивик да се симне.
Poslanec Andrej Hoivik na strehi državnega zbora grozil, da bo skočil. pic.twitter.com/BxQ0um6qhp
— Dnevnik (@Dnevnik_si) May 16, 2025
Реакции од СДС и јавноста
Политичката партија СДС, чии член е Хоивик, изрази сочувство:
„Искушенијата што ни ги носи животот понекогаш се премногу тешки. Ве молиме за разбирање и сочувство од сите.“
Претседателот на СДС, Јанез Јанша, по инцидентот испрати кратка, но силна порака до Хоивик:
„Не си сам.“
Контекст на политичката тензија
Хоивик беше во фокусот на јавноста како лидер на кампањата на СДС против предлог-законот за пензиски додатоци за уметници со извонредни достигнувања, кој беше предмет на референдум минатата недела. Иако СДС водеше интензивна кампања против законот, тој беше отфрлен со мнозинство гласови – пораз кој, според некои коментатори, дополнително придонел за психолошкиот притисок врз Хоивик.