Нова исплата за пензионери со ниски примања во Гази Баба

Денеска, 568 пензионери со ниски примања од Општина Гази Баба добија по 2.500 денари директна финансиска помош на своите банкарски сметки. Исплатата е дел од јавниот повик објавен од Општината, на кој се пријавиле вкупно 2.700 пензионери.

Од локалната самоуправа информираат дека ова е втора исплата во рамки на иницијативата. Претходно, 510 пензионери веќе добија парична поддршка, со што досега вкупно 1.078 лица се опфатени со програмата.

– Комисијата продолжува со работа и во следните денови ќе има нова исплата за наредната група пензионери. Помошта ќе продолжи сè до исплаќањето на сите 2.700 пријавени пензионери – велат од Општина Гази Баба.

Локалната власт нагласува дека ова не е првпат да се преземаат вакви чекори за поддршка на социјално ранливите категории. Во време на енергетската криза, беше доделена и финансиска помош за покривање дел од трошоците за електрична енергија.

Општината најавува дека и понатаму ќе работи на креирање мерки што ќе им помогнат на граѓаните со најниски примања, особено на постарите лица.

Verified by MonsterInsights