Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин бил изненаден од ситуацијата во Босна и Херцеговина, особено од, како што рече, „неуставното функционирање“ на одредени институции. Според Додик, Путин изразил шок кога дознал дека судството и обвинителството во БиХ делуваат надвор од уставните рамки и без согласност од сите конститутивни народи.
„Беше изненаден што такво нешто воопшто постои во светот,“ изјави Додик, додавајќи дека Русија останува единствениот објективен актер во Советот за безбедност на Обединетите нации кога станува збор за прашањата поврзани со БиХ.
Додик побара крај на меѓународниот интервенционизам
На средбата со Путин, Додик ја пренел потребата, како што вели, за укинување на меѓународниот интервенционизам кој, според него, ја деградирал Босна и Херцеговина и ја претворил во „невозможна земја“.
„Тоа што денеска се спроведува не е Дејтонски договор. Русија е гарант на тој договор, но странците го извитоперија до непрепознатливост,“ изјави Додик.
Коментар и на барањата за апсење на Путин
Одговарајќи на прашање за реакцијата на Путин на повиците за негово апсење, Додик рече дека рускиот лидер бил информиран за обидите на муслимански политички кругови во Сараево да го активираат Интерпол, поради посетата на Додик во Израел.
„Тие не сакаат само да ме уапсат – туку би сакале и да ме нема. Тоа е политичка хајка,“ рече Додик, додавајќи дека добил поддршка од Србија, Унгарија и други земји.
Односите со Русија и Србија како причина за политички напади
Додик тврди дека добрите односи на Република Српска со Русија и Србија се главната причина поради која е под постојани напади од политичко Сараево.
„Фактот дека Република Српска не воведе санкции кон Русија им пречи. Не можат да прифатат дека Српска постои, а уште помалку дека ја водам 20 години,“ изјави тој.
Цел: враќање кон оригиналниот Дејтонски договор
Во завршница, Додик посочи дека неговата визија е враќање на првобитниот Дејтонски договор и изградба на функционална БиХ во која сите народи ќе имаат еднаков статус. Според него, тековните обвинувања и обиди за политичка изолација се дел од стратегија поддржана од либерални центри во Брисел.