Министерот за здравство, Арбен Таравари, денеска соопшти дека починал вториот пациент кој се лекуваше во Литванија по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Станува збор за 29-годишниот Александар Гавриловски, кој од самиот почеток бил во критична состојба.
Тешки изгореници и компликации
Пациентот бил пренесен во Литванија од Градската болница на 17 март. Според министерот, тој имал 35% изгореници од трет степен, вклучително и изгореници на дишните патишта. Неговата здравствена состојба дополнително се влошила на 4 април, а од вчера бил ставен и на дијализа. Починал денеска во 11 часот.
Состојбата на останатите пациенти
Таравари истакна дека во моментот 66 пациенти се лекуваат надвор од земјава, додека 10 остануваат на лекување во македонски болници. Освен двајцата критични случаи, нема други со тешка клиничка слика.
„Се надеваме дека нема да имаме други лоши вести повеќе“, изјави Таравари.
61 жртва од трагичниот пожар
Со ова, бројот на жртвите од трагедијата во Кочани се искачи на 61 лице. Ова е вториот смртен случај меѓу пациентите кои биле пренесени на лекување надвор од државата. Од вкупно 193 лица кои се лекуваа во странство, двајца го загубија животот.