Минималната плата ќе се зголеми од април

Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека од април ќе започне исплатата на новата минимална плата, која ќе се зголеми за околу 2.200 денари и ќе изнесува 24.400 денари. Зголемувањето е согласно законот, а дополнително се очекува можен договор меѓу работниците и работодавачите за уште поголемо покачување.

„Доколку се постигне договор, ќе следат измени на законот и дополнително усогласување на износот“, истакна премиерот.

Вработувања во институциите и борба против мафии

Мицкоски најави и вработувања во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), зајакнување на институциите и целосна поддршка од Владата. Тој истакна дека Владата е решена да ги среди сите институционални слабости и посочи на резултатите од борбата против организираниот криминал, вклучително и апсења и постапки против неколку „мафии“.

Регулирање на работниот однос на пензионери и студенти

Во најавените законски измени ќе се регулира и вработувањето на пензионери и студенти, кое досега најчесто било дел од сивата економија. Целта е да се зголеми продуктивноста и економската активност во земјата.

Економските перформанси се стабилизираат

Премиерот се осврна и на економските показатели, велејќи дека резултатите за третиот и четвртиот квартал биле позитивни и меѓу најдобрите во Европа. За првиот квартал од 2025 година се очекуваат уште подобри резултати.

„Горди сме на извозот, индустриското производство и странските инвестиции кои достигнаа рекордно ниво“, нагласи Мицкоски.

Владата, според него, останува фокусирана на обнова и модернизација на системот, со цел Македонија да стане пристојно и стабилно место за живеење.

Verified by MonsterInsights