Маск нуди 97,4 милијарди долари за OpenAI, Алтман одбива со провокативна понуда

Милијардерот Илон Маск поднесе понуда вредна 97,4 милијарди долари за преземање на непрофитната организација која го контролира стартапот за вештачка интелигенција OpenAI. Оваа иницијатива, според Маск, има за цел да ја врати компанијата на нејзините „отворени и безбедносно ориентирани корени“.

„Време е OpenAI да се врати на своите корени како отворена, безбедносно ориентирана сила за правење добри работи. Ќе се погрижиме тоа да се случи“, изјави Маск за „Wall Street Journal“.

Понудата била формално доставена до одборот на директори на OpenAI преку адвокатскиот тим на Маск.

Алтман одбива и возвраќа со провокативна контрапонуда

Сем Алтман, извршниот директор на OpenAI, веднаш ја одби понудата на Маск и на провокативен начин возврати со контрапонуда.

„Не благодарам, но можеме да го купиме Twitter за 97,4 милијарди долари доколку би сакале“, напиша Алтман.

Маск, кој претходно го купи Twitter (сега Х), не остана должен и одговори со порака на социјалната мрежа, нарекувајќи го Алтман „измамник“.

Од сојузници до ривали

Маск и Алтман во 2015 година беа ко-основачи на OpenAI, но Маск ја напушти компанијата во 2018 година поради несогласувања околу насоката на развој. OpenAI, која денес вреди над 80 милијарди долари, направи револуција во светот на вештачката интелигенција со лансирањето на ChatGPT во 2022 година, а неодамна го претстави новиот модел GPT-4.

Маск веќе е вмешан во правен спор со OpenAI, тврдејќи дека компанијата се оддалечила од својата непрофитна мисија. Во 2024 година, тој поднесе барање за спречување на трансформацијата на OpenAI во целосно профитна корпорација.

Тимот на инвеститори кои стојат зад Маск тврди дека нивната цел е да го зачуваат почетниот фокус на OpenAI како организација со отворен код.

„Доколку Сем Алтман и сегашниот одбор на директори имаат намера да станат целосно профитна корпорација, oд витално значење е добротворната организација да биде прилично добро компензирана за она што нејзиното раководство ѝ го одзема – контролата врз најтрансформативната технологија на нашето време“, нагласи Маск.

Verified by MonsterInsights