Македонија против тивкото вето на Буарија – дали Скопје победи во Брисел?

Одложувањето на гласањето за предлог-извештајот за Македонија во Европскиот парламент повторно ја отвори дилемата: дали Скопје забележа дипломатска победа во Брисел или Софија само доби повеќе време за ново лобирање?

Дипломатска офанзива и поддршка за македонската позиција

Според дел од експертите, одложувањето на гласањето во Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) за 24 јуни е јасен сигнал дека Европа го слуша македонскиот глас. По години молк, во фокус конечно дојдоа идентитетските прашања и правото на самоидентификација, а не политичките условувања.

Поранешниот амбасадор Ивица Боцевски го нарече одложувањето „огромна победа“ за Македонија, бидејќи – според него – вистинската суштина на бугарските забелешки стана јасна за европската јавност.

„Не станува збор за реформи, туку за самото постоење на македонскиот јазик и нација“, рече Боцевски, додавајќи дека земјава води координирана дипломатска офанзива за да го објасни токму тоа.

Сличен став има и ексамбасадорот Зоран Јолевски, кој го гледа одложувањето како индиректно признавање на легитимноста на македонската позиција.

И Софија подготвува нова офанзива?

Но, од друга страна, постои реален ризик – дали одложувањето им оди во прилог на бугарските европратеници, кои добија уште три недели за лобирање и можни обиди да вметнат формулации што го релативизираат македонскиот јазик и идентитет?

Известувачот за Македонија, Томас Вајц, иако цврсто стои зад предлог-документот, предложи одложување за да се даде шанса за намалување на тензиите и обид за компромисен јазик во документот.

Вајц дури директно го спомена бугарскиот европратеник Ивајло Валчев, кој најавил нови лоби-состаноци. Тоа отвора ново прашање – дали се чува рамнотежа или се отвора нов простор за притисок врз македонската страна?

Европа пред одлука: ќе ја избере ли вистината?

Иако нема гаранции, дипломати од македонската страна порачуваат дека ова е шанса Европа јасно да застане зад основните вредности: идентитет, достоинство и деполитизирање на проширувањето. Гласањето на 24 јуни ќе покаже – дали борбата на Скопје ќе биде признаена или ново блокирање ќе ја замагли вистинската цел на ЕУ-интеграциите.

Verified by MonsterInsights