Македонец лажно се претставувал како лекар и измамувал постари лица во Хрватска

Мрежа на измамници ја шокираше хрватската јавност

Македонски државјанин на возраст од 26 години е осомничен за серија измами во Хрватска, при што, заедно со соучесници, успеал да оштети граѓани за речиси 279.000 евра. Загрепската полиција информира дека измамите се извршени во периодот од 9 до 30 април годинава, и тоа на територијата на Загреб, Велика Горица и Сплит.

Како функционирала измамата?

Сомничениот Македонец не делувал сам. Според полицијата, тој соработувал со непознати маж и жена, кои најверојатно се наоѓале во Романија. Од таму, измамниците ги повикувале жртвите – претежно постари лица – и се претставувале како лекари од болницата во Загреб или дури од наводна американска болница.

Лажна вест за повреден роднина

Сценариото секогаш било исто:

„Добар ден. Член од вашето семејство доживеал несреќа и е сериозно повреден. Му е потребна итна операција за да преживее. Можеби дури и ампутација. За тоа итно се потребни пари или накит.“

Верувајќи дека станува збор за реална ситуација, жртвите се договарале каде да ги предадат средствата. Локациите биле внимателно избрани – секогаш во близина на нивниот дом. Таму ги пречекувал токму осомничениот 26-годишен Македонец, на кој му ги давале парите или накитот.

Финансиска штета: 278.850 евра

Според досегашната истрага, измамата била изведена со извонредна прецизност, а материјалната штета достигнала 278.850 евра. Полицијата продолжува да работи на пронаоѓање на останатите членови на мрежата, додека осомничениот е приведен.

Verified by MonsterInsights