Белорускиот претседател Александар Лукашенко пристигна во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин, каде што изјави дека се сомнева дека Украина ќе се согласи на привремено примирје, иако тоа веќе било договорено во преговорите со САД.
Лукашенко: Украина можеби нема да ја почитува спогодбата
По пристигнувањето во Москва, Лукашенко изрази сомнеж во искреноста на украинската страна во однос на примирјето.
„Кога има примирје, сè оди тивко и нема движење. Украинците веројатно нема да се согласат со тоа“, изјави тој пред новинарите.
Белорускиот претседател додаде дека САД немаат јасен план за конфликтот и дека нивниот пристап е тестирање на реакциите на двете страни.
Путин ќе се обрати подоцна во денот
Се очекува рускиот претседател Владимир Путин да даде официјален коментар за предложеното примирје во текот на денешниот ден.
Во меѓувреме, Лукашенко истакна дека ќе разговара со Путин за ставот на Русија во однос на предлогот на Вашингтон.
„Тоа што го прават… тестираат. Што сака оваа страна? Што сака другата страна? Ќе разговараме за тоа денеска. Владимир Владимирович ќе ми каже“, изјави Лукашенко.
САД и Украина во разговори за 30-дневно примирје
Во вторникот во саудискиот град Џеда се одржаа разговори меѓу американската и украинската делегација. По средбата, двете страни објавија заедничка изјава во која се наведува дека Украина е подготвена да прифати 30-дневен прекин на огнот предложен од САД.
Останува да се види како ќе реагира Москва на овој предлог, а Путин во текот на денешниот ден треба да ја објави својата позиција за евентуалниот прекин на огнот.