Литванија и Естонија им забранија прелети на Фицо и Вучиќ на пат кон Москва

Литванија и Естонија донесоа одлука да им забранат прелет преку нивниот воздушен простор на авионите со кои словачкиот премиер Роберт Фицо и српскиот претседател Александар Вучиќ планираа да патуваат за Москва. Двајцата лидери треба да присуствуваат на воената парада за 9 Мај, со која Русија го одбележува Денот на победата над фашизмот и 80 години од крајот на Втората светска војна во Европа.

Безбедносни причини и политичка позиција

Литванскиот претседател Гитанас Науседа истакна дека одлуката е донесена исклучиво поради безбедносни причини:
„Безбедноста на сите луѓе што патуваат над Литванија, вклучувајќи ги и лидерите, е наш највисок приоритет,“ рече тој.

Од Естонија, Министерството за надворешни работи порача дека не дозволуваат нивниот воздушен простор да биде користен за патување до Москва за парадата, истакнувајќи дека не сакаат да поддржат пропагандни настани организирани од Русија.

И други држави ги одбиваат барањата

Естонскиот јавен сервис ЕРР објави дека и властите во Рига одбиле барања за прелет од страна на Куба и Бразил, чии лидери исто така патуваат за Москва. Летонија сѐ уште нема официјално забрана, но нејзиното Министерство за надворешни работи јасно порача дека учество на парадата е спротивно на европските вредности.

Кој сè ќе присуствува?

Според досегашните информации, покрај рускиот претседател Владимир Путин, белорускиот Александар Лукашенко, Фицо и Вучиќ ќе бидат единствените европски лидери на парадата. Станува збор за дипломатски чувствителен настан, особено поради тековната војна во Украина и санкциите кон Русија.

Заобиколни траси до Русија

Поради ограничувањата за летови над Украина, авионите кои патуваат од Европа кон Русија веќе мора да користат заобиколни траси преку соседни држави. Забраната од страна на Литванија и Естонија дополнително го отежнува патот на лидерите кои сакаат да присуствуваат на настанот во Москва.

Verified by MonsterInsights