Крива Река загадена со цијанид и олово, општината најавува кривични пријави

Во Крива Река е регистрирано опасно загадување со цијанид и олово, што претставува сериозна закана за целиот воден екосистем. Причина за инцидентот е истекување на отпадна вода од рудникот Тораница, по што реката добила сива боја. Според токсикологот д-р Нико Беќаровски, водата сега претставува потенцијален отровен извор, а консумирањето риба од реката може да предизвика сериозни последици по здравјето.

Тој објаснува дека цијанидот го блокира клеточното дишење и е познат отров уште од древни времиња. Иако водата не се користи за пиење, контаминацијата може да влијае врз почвата, животните и земјоделските производи во близина на реката.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, објави дека анализите покажале десеткратно зголемени нивоа на олово, како и високи концентрации на цијанид, фосфор и азот. Тој најави кривични пријави против компанијата што стопанисува со рудникот и го обвини Државниот инспекторат за животна средина дека не постапувал навремено.

Инспекторатот, пак, соопшти дека е изречена глоба од 200.000 евра за сторен прекршок од трета категорија и дека компанијата “Булмак 2016” прифатила спогодба. Но, екологистите реагираат дека институциите прикривале информации и бараат кривична истрага.

Од Иницијативата О2 и Зелен хуман град повикуваат на одземање на лиценцата на концесионерот, јавна објава на извештаите и истрага за улогата на инспекторите во прикривањето.

Компанијата “Булмак” негира одговорност, тврдејќи дека водата која истекла содржела само природни нечистотии и дека нема токсични супстанци. Тие повикуваат на објективна истрага и упатуваат апел да не се шират неточни информации во јавноста.

Verified by MonsterInsights