Крива Река е сериозно загадена и спаѓа во најлошата – петта категорија на води, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, на денешната прес-конференција. Новите анализи на водата, изработени од Институтот за јавно здравје и независна акредитирана лабораторија, покажуваат алармантни нивоа на тешки метали, органски и неоргански материи, цијанид и други загадувачи.
Според податоците, концентрацијата на олово изнесува 36,65 µg/L, што е речиси четири пати над дозволеното. Присутни се и манган (188 µg/L), цинк (113 µg/L) и кадиум (2,15 µg/L) – сите над максимално дозволените граници. Матноста на водата достигнала 170 единици, што е 17 пати повеќе од дозволеното.
„Водата не смее да се користи ниту за наводнување, ниту за технички цели. Состојбата е критична,“ изјави Митовски.
Сомнежи дека загадувањето доаѓа од рудникот Тораница
Митовски посочи дека загадувањето директно се поврзува со хаваријата на цевка во рудникот Тораница, управуван од компанијата „Булмак 2016“. Иако компанијата тврди дека од цевката истекла само „атмосферска вода“, присуството на опасни хемикалии, како цијанид, фосфор и азот, според него, ја потврдува спротивното.
„Токму тие хемикалии се користат во технолошкиот процес на рудникот, а сега се наоѓаат во реката, веднаш по хаваријата“, изјави тој и најави дека општината веќе поднела кривична пријава, барајќи обвинителството да поведе итна постапка.
Институционален молк и сомнителна улога на инспекторатите
Градоначалникот изрази незадоволство од реакцијата на Државниот инспекторат за животна средина, кој, според него, не извршил навремени и ургентни анализи, и покрај обврските кои ги има со акредитирани лаборатории. „Во нивниот записник нема ниту еден налог до рудникот да изврши анализа на водите во Тораничка и Крива Река,“ додаде Митовски.
Тој повика на итна вклученост и на Министерството за животна средина, предупредувајќи дека ова може да прерасне во една од најголемите еколошки катастрофи во поновата историја на Македонија.
Потенцијален ризик за целиот водостоен систем
Покрај директното загадување на Крива Река, загрижувачки е и фактот што таа вода се влива во реките Пчиња и Вардар, кои се главни извори за наводнување во Скопје, Куманово, Велес и поширокиот регион.
„Што навистина стигнува до нашите трпези?“, прашаја од опозицијата, додавајќи дека се неопходни итни анализи и на поширокиот слив.