Рускиот претседател Владимир Путин предложи директни мировни преговори со Украина со цел ставање крај на војната. Предлогот беше поздравен од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека Киев е подготвен за разговори, но само доколку Москва се согласи прво на итен прекин на огнот. Кремљ соопшти дека разговорите треба да се засноваат врз напуштениот Истанбулски договор од 2022 година и актуелната состојба на теренот.
Истанбулскиот договор повторно во игра
Првичните мировни преговори меѓу Русија и Украина започнаа во Белорусија, а потоа се префрлија во Истанбул. Нацртот од април 2022 година предвидуваше Украина да остане неутрална земја, без членство во НАТО, со ограничени воени капацитети и без присуство на странско оружје на своја територија. Русија бараше строги лимити: максимум 85.000 војници, 342 тенкови и дострел на ракети не подолг од 40 километри.
Крим, кој веќе беше под руска контрола, останува во рацете на Москва според документот, додека иднината на другите окупирани територии беше оставена за понатамошни преговори.
САД: Прво прекин на огнот, па преговори
И покрај подготвеноста да се разговара за траен мир, САД јасно ставија до знаење дека најпрво мора да се обезбеди 30-дневно примирје. Специјалниот претставник на Доналд Трамп, генерал Кит Келог, изјави:
„Прво безусловно 30-дневно примирје, а во текот на тоа започнување сеопфатни мировни преговори. Не обратно.“
Келог додаде дека убивањата мора веднаш да престанат и предупреди дека не смее да се дозволи Русија да го искористи процесот за добивање време.
Што ќе значи планот за Украина?
Доколку се врати Истанбулскиот формат, Украина би се соочила со сериозни ограничувања: неутралност, ограничена армија, безбедносни гаранции, но и губење целосна контрола врз Крим. Украинската страна во 2022 година се обиде да добие посилни меѓународни безбедносни гаранции, вклучувајќи реакција во случај на нов напад. Русија одби.
Гарантите на мировниот договор, според документот, требаше да бидат САД, Велика Британија, Кина, Франција и Русија, но не и за Крим и Севастопол.
Скептицизам од Западот
Западните земји остануваат претпазливи. Иако не го отфрлаат предлогот, многумина се сомневаат дека станува збор за обид на Москва да добие време или да го легализира своето влијание врз окупираните територии. Американскиот претседател Доналд Трамп, преку своите претставници, ја поддржа иницијативата за примирје, но со строги услови. Зеленски и понатаму инсистира дека не може да има разговор додека трае воена агресија.