На Клиниката за онкологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ се случи серија обиди за кражба, каде биле обиени дури 18 шкафови кои ги користат медицинскиот персонал. Во најтежок инцидент од 8 април, од шкафовите биле украдени пари и лични предмети.
Прв инцидент – премолчен
Првиот случај се случил на 2 април, кога непознат сторител насилно ги отворил шкафовите во соба наменета за персонал, но не биле украдени предмети. И покрај тоа, Клиниката го пријавила инцидентот дури една недела подоцна, што дополнително ги подгрева сомнежите за можни злоупотреби на доверливи документи.
Загриженост за доверливи податоци
Главната сестра на Клиниката, Андријана Филиповска, изјави дека не недостасуваат лични предмети на вработените, но дека не можат со сигурност да кажат дали недостасуваат документи, особено картички за лекови кои се чуваат и за период од 10 години.
Приведување на малолетник
Полицијата брзо реагирала и уште истата ноќ го привела 17-годишник од Скопје, кој бил затекнат во обид да ја напушти клиниката. Според МВР, со него бил извршен службен разговор во присуство на родител и адвокат, а биле пронајдени и предметите кои ги одзел. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.