Луксузното „Порше“ кое беше паркирано на велосипедска патека во скопската населба Дебар Маало, за што на социјалните мрежи се појави видео со бурна реакција од граѓаните, не припаѓа на полициски службеник, како што првично се шпекулираше, туку на поранешниот министер за надворешни работи и амбасадор, Срѓан Керим.
Керим, во изјава за порталот Скопје1, кусо изјави:
„Нема потреба од никакви коментари. Постапено е според позитивните прописи што важат во вакви случаи.“
Полицијата потврди: С.К. е возачот
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека на возачот со иницијали С.К. му бил издаден платен налог, што потврдува дека токму Керим го управувал возилото во моментот на сообраќајниот прекршок. Возилото било непрописно паркирано на велосипедска патека пред ресторан, а по реакција од присутните граѓани, Пајак-службата на крајот го подигнала возилото.
Граѓанска реакција против „привилегии“
Инцидентот стана вирален поради делот од видеото во кое полицаец на лице место тврди дека станува збор за „службено возило“ и дека возачот е полицаец, па затоа одбива да дозволи отстранување на возилото. По телефонска консултација и по притисок од граѓаните, тој сепак рекол: „Кревајте го.“
Случајот отвори прашања во јавноста за односот на јавни личности кон законот, особено кога станува збор за поранешни функционери и јавни фигури со влијание.